Што се случи со осумте милијарди евра на Никола Груевски
Буџетот е повеќе од јасен: Инвестирани само 430 милиони евра од осум милијарди

Долг е списокот со инвестиции што требаше да се реализираат, а да се финансираат со осумте милијарди евра што ги вети премиерот Никола Груевски пред две години. Премиерот вети нови енергетски капацитети, патишта, железници, водоводи, културни и образовни знаменитости, социјални станови, спортски сали... Што од ветеното е направено до денеска? Врие од културни и историски знаменитости (“Скопје 2014“), социјални станови никнаа во неколку градови, а веројатно ќе се вселат пред избори, на спортски сали сe уште се сечат лентите, патишта се градат, ама само од село до село. Нема хидроцентрали, нема гасофикација, нема автопатишта и нова железница.
Иако реалноста е повеќе од очигледна, од Владата не сакаат да кажат што е реализирано од крупниот проект. Од кабинетот на премиерот вчера рекоа дека биле зафатени со вчерашната посета на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во Охрид и нe препратија во кабинетот на вицепремиерот Владимир Пешевски. Оттаму, пак, изјавија во тој период Пешевски не бил дел од Владата.
Зачудува фактот што премиерот две години ниту еднаш јавно не се пофали што остварил од најавените осум милијарди евра. Според податоците од Буџетот на државата за 2009 и 2010 година, излегува дека вкупните капитални расходи изнесуваат 430 милиони евра, што не е само 6% од осум милијарди евра. За неколку месеци во овој период Владата се задолжи половина милијарда евра кај меѓународни финансиски институции, од кои дел се насочени за капитални проекти.
А што беше претходно најавено? Околу 3,8 милијарди евра беа предвидени за реализација на триесетина енергетски проеки. За инфраструктура уште толку. Околу 10 милиони евра беа за изградба на водовод и канализација во повеќе од 400 населени места, а остатокот од парите е наменет за проекти за заштита на животната средина, изградбата на 1.700 социјални станови, 145 спортски сали и образовни и културни објекти. Од Владата не коментираат зошто не се реализира најавениот мегаинвестициски план. Во патната и железничката инфраструктура единствено можеме да се пофалиме со изградени локални и регионални патишта, како и една делница од 7,7 километри од автопатот од Коридорот 10. За останатите 28 километри од Демир Капија до Смоквица, Владата дури сега обезбеди 280 милиони евра, а изградбата би требало да почне на крајот од оваа или почетокот на следната година. Изградбата на Коридорот 8, која ќе чини околу една милијарда евра, веќе три години е во преттендерска и тендерска постапка.
Концесионер сe уште не е избран. За локални и регионални и патишта веќе три години трошиме 120 милиони евра од Светска банка и од ЕБРД. Од регионалните патишта се изградени и обновени само 11 регионални патишта во должина од 150 километри. Хит на Владата и беа локалните патишта. Досега се изградени и реконструирани 62, а склучени се договори за уште 162. Освен физибилити студии и подготовки, нема поголеми инвестиции ниту во железничката инфраструктура. Од Министерството за транспорт велат дека во тек се подготвителни активности за ремонт на три делници од Коридорот 10, со вкупна должина од 54,4 километри. За пругата од Коридорот 8 се уште не е изработена ниту физибилити студија. Според Министерството, до септември треба да заврши студијата за делницата кон Бугарија, а во 2009 и 2010 година беа изработени физибилити студии и идејни проекти за делницата кон Албанија.
Кога е во прашање енергетиката, стратешките проекти се уште се само желби на хартија. Ниту круцијалните хидроцентрли Чебрен и Галиште, Бошков мост и Луково Поле не се градат. Само овие проекти чинат најмалку една милијарда евра. Владата минатата година стана свесна дека не може да најде инвеститор за Бошков Мост и Луково Поле, па ја задолжи државната ЕЛЕМ за нивна реализација. Овие два прокети државата ќе ја чинат 150 милиони евра. ЕЛЕМ вети и изградба на парк од ветерници во Богданци.
Од гасификацијата не е изградена ниту една цевка. Владата се уште ги чека парите од клириншкиот долг од Русија, вреден 60 милиони долари, кои не значат многу за проектот проценет на најмалку 300 милиони евра. Во 2010 година единствено беше изработена физибилити студијата со идеен проект, со која се дефинираат стратешките услови и фазите за временската реализација на гасоводниот систем, како и соодветните приоритетни правци. Во фаза на изработка е проектна документација за основен и изведбен проект за магистралниот правец Клечовце-Битола со крак до Струмица, кој е поделен во четири делници и треба да заврши во септември годинава.
Но, затоа, во завршна фаза е изградбата на жичарницата до Водно, која ќе чини околу седум милиони евра.
“Градежниот дел од активностите за првата фаза, делот од Средно Водно до Милениумскиот крст, е завршен. Поставени се темели за сите 10 предвидени столбови, како и бетонскиот дел за влезно-излезните станици на почетниот и крајниот дел од оваа секција. Пристигнат е и дел од опремата за горната и долната станица. Во следниот период е предвидено да пристигнат сите гондоли. Изградбата на оваа траса на жичарницата треба да заврши до 25 мај 2011 година”, информираат од Министерството за транспорт.
Дали Владата додека го кроела буџетот за оваа и за минатата година намерно или случајно ги заобиколила клучните инфраструктурни и енергетски инвестиции?
Особено ако се земе предвид дека овој мегапроект беше највен како втор од вкупно четирите антикризни мерки со кои Владата ги убедуваше компаниите дека се вистинските кои ќе им помогнат да се справат со кризата.За експертите и стопанствениците фамозните осум милијарди евра се само список со желби и дел од предизборната кампања на Груевски за локалните и претседателските избори во 2009 година. Бизнисмените критикуваат дека државата не треба само декларативно да ветува, туку да се зафати еднаш со реализација на инфраструктурните и енергетските прокти. Од Сојузот на стопанските комори велат дека капиталните инвестиции ќе значат многу за стопанството.“Стопанските комори секогаш се залагаат државата што поскоро да ги изгради капиталните проекти. На стопанството апсолутно ќе му помогнат проектите за капацитети што ќе користат обновливи извори на енергија, за кои не ни треба концесионер. Стопанството е презадолжено, зависни сме од увоз, особено од скапа струја, така што државата мора сериозно и што поскоро да ги реализира капиталните инвестиции. Ако се земе предвид сценариото што го предлага МАНУ во енергетската стратегија од четири милијарди евра и ако се вложат барем 200 милиони евра буџетски пари, за седум години државата може и мора да изгради некои од клучните енергетски капацитети. Може и да се земе кредит на 20 години, така што би плаќала по 100 милиони евра годишно ако сака нешто да реализира”, велат од ССК.
На бизнисмените им пречи и тоа што Македонија ниту гради, ниту се поврзува со регионот и со ЕУ.“Гледаме што е направено и колку е инвестирано во инфраструктура. Многу капитални проекти што се важни за стопанството и се најавуваат со години се уште не се реализирани. Не може да се очекува раст на економијата ако нема инвестиции во инфраструктурата. Немаме пристап до алтернативни пристаништа, немаме алтернативни патишта. И во изминатите три, шест, па и 12 години многу малку се инвестираше во инфраструктурата. Освен тоа што не се гради и тоа што веќе е изградено не се одржува и е во се полоша состојба. Патиштата не се обновуваат, железницата е многу бавна и застарена. Најважно е да се обезбеди брз и квалитетен пристап до Косово, Албанија и Бугарија“, вели Љубомир Дренковски, сопственик на месната индустрија Пилко.Според Ѓорѓи Прошев, сопственик на конзервната компанија Вори од Гевгелија, квалитетна патна и железничка инфраструктура е услов за зголемување на извозот и на производството.
Од Стопанската комора на Македонија забележуваат што само 60%-65% од парите предвидени за капитални инвестиции во буџетот наменски се реализираат. Во програмата на Комората за промена на досегашниот модел на економски развој се наведува дека Македонија во 2008 година имала 74,5% (највисок процент на реализација на капиталните инвестиции во последниве години). Во 2009 година планираните 470 милиони евра за капитални трошоци со првиот ребаланс се намалија на 375 милиони евра, а со вториот на 300 милиони. Како реализирани се наведуваат проекти вредни 210 милиони евра (само 40% од првата проекција).“Континуираното и соодветно зголемување на капиталните инвестиции во стратешките вложувања на државата, кои се од исклучително значење за развојот и модернизацијата на патната инфраструктура и енергетскиот сектор, се императиви како основни предуслови за развој на приватниот производен сектор“, велат од Комората.
Опозицијата, пак, програмата на Груевски ја нарекува грандиозна инвестициска програма, каде што клучното прашање не е содржината на програмата, туку отсуството на кредибилитет кај тој што треба да ја реализира.“Ветувањата на Груевски за осум милијарди евра се најголема лага и измама во историјата на Македонија. Тоа е смислен политички трик и манипулација за граѓаните во пресрет на локалните и претседателските избори во 2009 година. Всушност, начинот на кој Груевски и ВМРО-ДПМНЕ функционират во овие пет години е базиран на лаги и нереализирани ветувања, кои се заменуваат со нова, уште поголема лага. Нема да не чуди ако и во оваа кампања на ВМРО-ДПМНЕ за да ја покрие лагата за осумте милијарди евра најави уште лаги за повеќе милијарди евра“, вели Игор Ивановски, член на Извршен одбор на СДСМ.Што треба да се гради годинава? Скромен одговор на ова прашање нуди буџетот. Изградба на нови патишта, железнички пруги, набавка на медицинска опрема и изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, училишта и спортски сали. Ова се само дел од проектите во кои Владата планира да вложи 380 милиони евра, пари одвоени за капитални инвестиции во буџетот за 2011 година. Оваа ставка е зголемена за 29% во однос на лани. Ова е доволен аргумент за Владата, Буџетот за 2011 година да го декларира како инвестициски и развоен.
Каде требаше да завршат осум милијарди евра?
-Во енергетиката се предвидени околу 30 проекти во вредност од 3,8 милијарди евра;
-Во транспортот Владата си зададе цел да изгради и модернизира регионални и локални патишта, железнички пруги, коридорите 8 и 10, за што намени 3,8 милијарди евра;
-Гасификација на државата, инвестиција вредна најмалку 300 милиони евра;
-Изградба на водоводи и канализации во повеќе од 400 населени места со цена од 100 милиони евра;
-Проекти за заштита на животната средина, изградба на социјални станови, спортски, образовни и културни објекти.