ВОВЕДНИК
Дојде циркусот во нашиот мал град

Да знаеше познатиот циркус Сафари од Унгарија дека ќе наиде на силна конкуренција и тоа од никој друг, туку од владините коалициски партнери, сигурно премиерата пред скопската публика немаше да ја закаже токму за завчера! Вака им пропадна претставата, оти точките кои умеат да ги приредат ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ не можат ниту акробатите со светска кариера!
И додека среде одмори цената на струјата, бензинот, лебот, маслото за јадење скокна, државата се задолжи за нови 180 милиони евра (не за инвестиции, туку за враќање на веќе достасани долгови), пораката која едно свесно општество треба да ја прати до Владата е една – дека не му е многу грижа за партиските наводни тепачки, ниту за политичките амбиции или рејтинзите на која и да е партија, а веројатно, уште помалку на јавноста и е грижа дали ќе има избори! Граѓаните ни лани не побараа избори, па ги распишаа.
Оттука, изјавата на премиерот дека ВМРО–ДПМНЕ, демек, не сака избори, ама ако партнерот запне, подготвени се да „му учинат“ е веќе видена!! Додуша, лани на Бранко му „учинија“. Лани тој бараше избори.
Но, во што е суштината на проблемот? Лани беше трета година од мандатот на Владата, па имаше зголемена нервоза, намален рејтинг – со што Груевски знаеше дека ако распише избори, ќе обезбеди нови четири години. Но, сега, по само една година од мандатот, темата за избори повторно да стане главна политичка агенда е несфатливо! Тоа е само јасен показател дека Македонија е во длабока политичка криза. И таа криза којашто не е само владина, како што вели премиерот, води до парализа на целото општество.
А само пред еден месец Груевски во долгото експозе редеше и најавуваше проекти. Сега, со оваа политичка ситуација не е јасно како може да се развиваат проектите кога сите ресурси се впрегнати во перманентна кампања со единствена цел – ВЛАСТ - опозицијата да дојде до неа, а позицијата да ја зачува! Економски ќе сме се развивале, инфраструктурно ќе сме воскреснеле, образовно ќе сме се воздигнеле, здравствено прероделе... Како и кој ќе го сработи тоа?
Затоа, „Капитал“ нема да се занимава со сценарија за излез од владината криза. Сценарија има многу, па дури и такви дека можна е коалиција на ВМРО–ДПМНЕ и на СДСМ заедно. Можеби токму на ова сценарио и чека Бранко Црвенковски, немајќи друга идеја како да дојде до власт.
Затоа, дали ќе има предвремени избори, ново парламентарно мнозинство или техничка влада на општеството исто му се фаќа – граѓаните пак ќе останат без тоа што навистина им треба, стратегија за вистинските државни прашања, план за справување со економските потреси, проекти и рокови за искрени реформи на клучните државни сектори.
Во песната на Балашевиќ циркусот го напушти градот: „Се е тоа само фол, се е тоа само евтин трик и сите тие маски кријат бол и кријат еден сосема друг лик“. Така пееше тој... И најави дека нема потреба од секирации... И кога овој ќе замине, следниот циркус веќе е на пат.