Објавено 06 мај 2011, 11:54, во Македонија
Share |
Print page Ќе се најде ли, сепак, криминал во тендерите за кампањите на Владата?!

Антикорупциска ќе ги испитува владините реклами по изборите

Александар Јанев
Антикорупциска ќе ги испитува владините реклами по изборите

Државната комисија за спречување корупција најави дека ќе проверува дали во јавните тендери на Владата за медиумските кампањи, кои најмногу ги добива маркетинг-агенцијата Република, има криминал. Претседателот на Антикорупциската комисија, Воислав Зафировски, за “Капитал“ изјави дека ќе спроведе истрага за да докаже дали Владата фаворизира свои маркетинг-агенции, кои во јавноста се сметаат за блиски до неа, и дали преку медиумските кампањи се прават финансиски малверазции.

“Поради сите озборувања во јавноста дека одредени маркетинг-агенции се фаворизираат на тендерите за да ги работат владините кампањи, Државната комисија за спречување корупција ќе покрене иницијатива за да се проверат овие информации и конечно да се докаже дали има корупција во овој сегмент. Сега сме преокупирани со работа за изборите и немаме доволно капацитет да им се посветиме на другите случаи, но веднаш по завршувањето на првиот изборен круг ќе отвориме истрага за тоа“, изјави Зафировски.
Како што објави “Капитал“, само во последните три години Република добила бизнис со државата вреден пет милиони евра, а во исто време неколку други агенции добиле тројно помалку од големиот залак за рекламни кампањи. Поголем дел од маркетинг-агнециите во земјава воопшто и не добиваат работа со државата. Овие податоци докажуваат дека Република навистина е милениче на Владата. Ангажманот од државата & овозможи на оваа маркетинг-агенција за пет години да оствари неверојатен раст - приходите се зголемиле од 430.000 евра во 2005 година на дури 1,8 милиони лани, а добивката за 13 пати. Годинава, пак, само за четири месеци Република е ангажирана да изработи неколку кампањи за државата во вредност од два милиони евра, со што веќе се надминати вкупните приходи на агенцијата за цела 2010 година.

Од Владата тврдат дека не е точно оти само едни исти агенции ги добиваат тендерите за владините кампањи. “Сите јавни набавки за медиумските кампањи се спроведуваат согласно законот и тука нема ништо спорно. Се избираат најповолните понуди и склучените договори јавно се објавуваат. Сите други агенции имаат можност да учествуваат ако сакаат. Освен Република, кампањи за Владата работат и други агенции“, изјави владиниот портпарол Мартин Мартиноски.Случајот со медиумските кампањи ,според антикорупциските експерти, многу потсетува на криминална афера која изби неодамна во Хрватска со агенцијата Фими медиа, која била блиска до тогашниот премиер Иво Санадер. Таа агенција само поради зделките со државата и нејзините институции, од мала, со приходи од 90.000 евра во 2003 година, по доаѓањето на власт на ХДЗ почна да остварува приходи од над 24 милиони евра годишно. Хрватските институции открија дека услугите на Фими медиа биле преплатени и со дуење на вредностите се извлекувале пари од државата. Буџетски пари се прелевале на сметка на Фими медиа, кои понатаму завршувале како готовина до станот на Иво Санадер и во седиштето на ХДЗ. “Фими медиа“ е една од аферите поради кои Иво Санадер заврши во притвор поради кримилни активности со пари на државата.


Поврзани вести

КОМЕНТАРИ

Коментирај

КАПИТАЛ ИЗДАНИЈА

Explanation
Дневен 529
Магазин 655



КАПИТАЛ ДЕНЕС


РЕКЛАМИ

Капитал изданија

РЕКЛАМИ