Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 08 ноември 2011, 09:00, во Македонија
Share |
Print page Втора работилница на "Капитал Академија"

Да му се даде предност на извештајот на парични готовински текови?!

Ивана Колева
Да му се даде предност на извештајот на парични готовински текови?!

Биланс на состојба, биланс на успех или извештај на паричните готовински текови? Кој од овие финансиски извештаи е подобар избор за вистински преглед на работењето на компанијата? Ова прашање повлече многу спротивни размислувања кај учесниците на работилницата за правилно читање на финансиските извештаи, организирана од Капитал Академија.

Дел од нив сметаат дека билансот на состојба е најважниот извештај за преглед на работењето, а според другите, тој само ја отсликува состојбата во определен момент и не дава реална слика. За да се види работењето на компанијата во еден подолг временски период и да се испланира готовината потребна е изработка на извештај на паричните текови.

“Тој е суштината на работењето на секоја компанија и клучот за постигнување успех. Малку компании кај нас го познаваат, а уште помалку го изработуваат. Да, билансот на успех можеби ќе покаже дека имате успешна компанија, иако постојат сериозни проблеми со ликвидноста и ви се заканува брзо пропаѓање“, вели Гордана Димитриеска-Кочоска од Стопанска банка.

Според неа, не случајно Ворен Бафет е најпознат светски инвеститор-милијардер. Тој при преземање и инвестирање во одделни компании секогаш го гледа извештајот за готовината, а не билансот на состојба и успех, како што прават сите останати. “За да го разбереме готовинскиот тек треба да знаеме добро да ги читаме билансот на состојба и билансот на успех како основа за негова изработка“, додава таа.
На работилницата, голем интерес компаниите покажаа и за Дипон анализата. Станува збор за показател на оперативна и деловна успешност, со кој голем дел од нив не се запознаени. Катерина Бошевска, извршен директор на ЕОС Матрикс и предавач на академијата, која е експерт во оваа област, вели дека таа го подобрува квалитетот на работа на компаниите. За многу компании во Македонија, Дипон анализата сe уште е непозната. Таа се состои од четири сегменти преку кои може да се подобри оперативното работење - совладување трошоци, раст на продажба, управување со средства и управување со нето-обртни средства. Тоа се всушност клучните области преку кои може да се зголеми тековната успешност на компаниите.

“Оваа анализа е нешто ново што може да се примени во работењето на нашата компанија“, истакна Милорад Плачкоски од Макстил, кој има 30-децениско искуство во областа на финансиите.
Учесниците се задоволни што работеа и дискутираа на практични примери, кои можат веднаш да се употребат во секојдневното работење на компаниите. “Позитивно е што работилницата е интерактивна и ни даде можност да размениме различни искуства и мислења, но и можност да научиме нешто ново од дејноста“, истакна Иван Јовановски од Шпаркасе банка, кој работи во одделот за кредитирање правни лица.

И Ирена Арсова и Гордана Спасова од Макстил сметаат дека ваквата презентација на финансиските извештаи ќе им помогне многу во работата. “Сме присуствувале на повеќе семинари, приватно или службено. Но, на работилницата на Капитал Академија за првпат некој практично ни го пренесе знаењето, а не само теоретски. Ова е прв семинар со матрици каде што внесувате ваши податоци и да видите како тоа ќе излезе во случајот со вашата компанија “, велат тие.

Релевантноста на финансиските извештаи, потребата за подетална анализа кај компаниите и недостигот од доволно стручен кадар за финансиско работење се останатите прашања кои се дискутираа. Претставници од Централниот регистар, банки и компании добија практични алатки и матрици со кои ќе можат да ја продлабочат аналитичката способност и подобро да ги читаат финансиските извештаи. Учесниците се согласија дека само длабинската анализа може да даде поздрави и подобри економски одлуки во работните организации.

Гордана Димитриеска-Кочоска, Стопанска банка
“Компаниите треба да му посветат поголемо внимание на извештајот на парични текови. Не случајно Ворен Бафет е најпознат светски инвеститор-милијардер. Тој при преземање и инвестирање во одделни компании секогаш го гледа извештајот за готовината, а не билансот на состојба и успех, како што прават сите останати.“

Иван Јовановски, Шпаркасе банка
“Позитивно е тоа што работилницата е интерактивна и ни даде можност да размениме различни искуства и мислења, но и можност да научиме нешто ново од дејноста.“

Карактеристики на основните финансиски извештаи

Биланс на состојба:

- Покажува финансиска состојба на одреден ден за средствата, обврските и сопственичкиот капитал;
- Претставува “слика“ за финансиската состојба на претпријатието;
- Покажува слободен капитал за претпријатието;
- Покажува начин на кој се финансира претпријатието.

Биланс на успех:

- Покажува како приходот од работењето се претвора во нето-добивка; 
- Покажува приходи и трошоци признати за одреден период;
- Покажува на раководителите и инвеститорите дали претпријатието остварило добивка или загуба од работењето за анализираниот период.

Извештај за парични текови:

- Покажува проток на пари/готовина кон и од претпријатието во одреден, вообичаено завршен временски период;
- Покажува колку готовина/пари всушност добива претпријатието со своето работење;
- Покажува еден значаен аспект од одговорностите на раководството на претпријатието – ликвидноста;
- Покажува разлика меѓу профит и готовина/пари;
- Покажува колку пари/готовина се потребни за редовните бизнис-активности на претпријатието.


КОМЕНТАРИ

Коментирај

РЕКЛАМИ


КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 771-772


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000


Капитал изданија

РЕКЛАМИ