Најмногу се отселуваат инжeнери и доктори. Кој ќе работи во Македонија?
.jpg&imgSize=300)
Во отсуство на стратегија и мерки да се спречи одливот на мозоци, младите образовани кадри ќе купуваат авионски карти за во еден правец. Следува декада на засилен лов на научници и експерти, сметаат експертите.
Младите образовани кадри сe повеќе ја напуштаат Македонија, бидејќи не можат да најдат работа каква што бараат. Истражувањето на Економскиот институт во Скопје покажа дека најголем дел од младите кои завршуваат високо образование заминуваат на магистерски и на докторски студии во странство и остануваат во тие земји. Најпосакувана дестинација е САД, а најголем дел од имигрантите се од техничко-технолошките факултети и од медицинските науки.
„Во последната деценија бројот на невработени со универзитетско образование бележи голем пораст. Во периодот од 1999 до 2010 година се зголеми за трипати, а стапката на невработеност од 14% на 22%. Овие промени посебно се нагласени последните години, со приливот на нови генерации дипломирани студенти. Тоа го потврдува и растечкото учество на младите до 29 години во вкупно невработените со универзитетско образование, кое во 2009 и 2010 година изнесува повеќе од 60%“, вели професор Верица Јанеска од Економскиот институт.
Директорката на Економскиот институт, Билјана Ангелова, истакна дека следуваат декади на засилен лов на научници и експерти, а Македонија не смее да дозволи да заминуваат најдобрите.
„Целиов овој период државата има пасивен однос кон интелектуалната имиграција, а домашните умови не добиваат шанса за просперитет. Лесно е да се декларираме дека сакаме да имаме повеќе млади во науката, но за таа цел се потребни поголеми инвестиции, јакнење на универзитетите, инвестиции за основање центри за експертски анализи, професионален развој и за подобрување на општите услови за живот, за талентите да имаат доволни причини да не заминуваат“, додаде Ангелова.
Половина од средношколците за 10 години не се гледаат тука
Марјан Забрчанец од Младинскиот образовен форум вели дека од граѓанскиот сектор нема истражувања кои даваат статистички пресек на одливот на мозоци, но и државата досега не успеа или не се обиде да обезбеди вакви податоци. Според него, идентификацијата, дефиницијата и анализата на оваа појава е неопходна, бидејќи ваквите податоци ќе дадат насоки и за реформата на образованието и за економските стратегии во Македонија.
„Во недостиг од свои официјални анализи, Владата треба да се потпира на малкуте истражувања од граѓанскиот сектор. Во Македонија постои извесен број граѓански организации кои работат на овие проблематики и кои е неопходно да се вклучат во системско решавање на проблемот“, вели тој.
Забрчанец смета дека практиката и обуките за работни вештини можат во голема мера да ги подготват младите за пазарот на трудот, меѓутоа и тоа нема да биде доволно доколку неофицијалната стратегија, која досега ја промовираа сите политички структури, и понатаму се сведува на „земи партишка книшка за да добиеш државна работа“.
„На младите во Македонија, особено на оние со понизок социјален статус им се неопходни и обуки за финансиска писменост, со кои ќе стекнат занаења како подобро да го менаџираат и онака премалиот личен или семеен буџет“, додава нашиот соговорник.
Проблемот со одлевањето на мозоците, според него, треба да се анализира од социјално-економски и од граѓанско-партиципативен аспект. Оценува дека државата губи многу со одлевањето на овие кадри, а ќе губи уште повеќе, имајќи предвид дека половина од средношколците не се гледаат во Македонија за десет години отсега.
„Економската состојба е главниот демотиватор на младите, без нови странски инвестиции и развој на конкретни практични вештини, нови домашни вработувања ќе нема, а со тоа ќе се зголемува одливот. Вработувањата во администрацијата веќе се препознаени од младите како помалку вредни во едно пазарно општество базирано на демократски и капиталистички вредности“, додава тој.
Ристе Змејкоски од Центарот за истражување и креирање политики, исто така, порачува дека државата мора да оформи институционален систем и механизми за следење на висококвалификуваните кадри.
„Државата може да го спречи заминувањето на оваа критична научна маса само со јасна и применлива стратегија, со мерки кои ќе понудат баланс меѓу домашните и странските предности. За тоа мора да се има голема свест и јасно определен буџет. Од светските практики е докажано дека превенирањето на долг рок на овие кадри на државата и на државната економија и се исплатува неколкукратно повеќе од средствата кои таа ќе ги инвестира во вакви мерки. Потребно е точно да се утврдат ризичните групи и да се направи темелна проценка на факторите кои влијаат врз овие целни групи, па потоа да размислуваме какви мерки ќе се понудат за секоја од нив. За ова е потребен заеднички напор на државата и на бизнис-секторот“, вели Змејкоски.
Заминувањето на кадрите од техничките факултети, според Змејкоски, е тренд што се провлекува уште од 90-тите години и сe уште е актуелен. Она што лично го радува е што од оваа област има признати кадри низ светов коишто потекнуваат од Македонија, но за жал, тие не делуваат во рамките на нашиот систем.
„Кога ние би имале можност да ги привлечеме овие кадри, па макар и на привремен повраток во Македонија, сметам дека тоа би било позитивен сигнал и за кадарот којшто моментално е тука. За да можеме да го превенираме ова излевање на кадри, а со тоа да обезбедиме развој на нашиот систем, ќе мора да ја преиспитаме нашата конкурентност и инвестиции во овој сектор. Во спротивно, никој не е во состојба да спречи некого во неговата потрага за подобар живот, особено не кога локалната понуда не е ниту на приближно ниво“, завршува Змејкоски.