Девет нови фабрики на странски инвеститори за една година

Според најавите, со реализацијата на овие инвестиции во земјава ќе влезе капитал вреден околу 205 милиони евра, кој треба да обезбеди работа за 9.300 лица
Германската компанија Дракслмајер и белгиската Ван Хоол се двете нови во низата странски компании кои решија да инвестираат во Македонија во последните 12 месеци. Оваа недела почнуваат со изградба на производствените погони во Кавадарци и во Скопје. Со овие две нови странски инвестиции бројот на странски компании коишто последната година решија да градат фабрики во Македонија достигна вкупно девет.
Поволностите за странските инвеститори, промоцијата на Македонија како земја со најповолна бизнис-клима во регионот и честите „роуд-шоуа“ на владиниот економски тим почнаа да даваат резултати.
Лиза Дрекслмајер ГмбХГерманија
производство на кабелски инсталации за автомобилската индустрија;

35 милиони евра инвестиција;

4.000 вработувања;

почеток на производство: прв квартал 2013 година.
Кромберг и ШубертГерманија
производство на кабелски инсталации за автомобилската индустрија;

20 милиони евра инвестиција;

2.500 вработувања;

почеток на производство: крај на 2012 година.
Ван Хоол Холандија
производство на автобуси;

17 милиони евра инвестиција;

400 вработувања;

почеток на производство: 2013 година.
Џонсон МетиВелика Британија (втора фабрика)
производство на катализатори за автомобилската индустрија;

60 милиони евра инвестиција;

100 вработувања;

почеток на производство: септември 2013 година.
Џонсон Контролс(втора фабрика)
производство на навлаки за автомобили;

20 милиони долари инвестиција;

1.400 вработувања;

почеток на производство: септември 2013.
Протек групРусија
производство на хомеопатски лекови, витамини, минерали, чаеви;

5 милиони евра инвестиција;

130 вработувања;

почеток на производство: септември 2012 година.
Кемет електрониксСАД
производство на електрични проводници за автомобилска и воена индустрија;

25 милиони евра инвестиција;

500 вработувања;

почеток на производство: јули 2012 година.
ТехнохозеИталија
производство на армирани гумени црева, хидраулични спојници под висок притисок;

10 милиони евра инвестиција;

150 вработувања;

почеток на производство: јули 2012 година.
Мадерсон груп

производство на делови за ретровизори;

12 милиони евра инвестиција;

140 вработувања.
До лани единствени поголеми странски инвеститори во државата беа Џонсон контролс и Џонсон Мети, а ситуацијата на терен е драстично променета. Зоната Бунарџик 1 полека, но сигурно почна да се полни, а се расчистува теренот за уште пет-шест нови фабрики.
Од четирите фабрики кои лани почнаа да се градат во оваа зона, три треба да започнат со производство до крајот на годинава. Во исто време, се зголемува интересот на странските инвеститори и во другите зони и градови. Во Бунарџик 2, Ван Хоол неделава ќе започне со изградба на погонот за производство на автобуси, а во индустриската зона во Штип, Џонсон контролс веќе го подготвува теренот за изградба на втората фабрика во Македонија.
Пред месец и половина германската компанија Кромберг и Шуберт во Битола почна со изградба на погонот за производство на кабли за инсталации за автомобилската индустрија. Последен од низата странски инвеститори коишто решија своите фабрики да ги градат во Македонија е германскиот производител на инсталации за автомобилската индиустрија Дрекслмајер, чиј погон веќе се гради во Кавадарци.
Странските инвеститори ќе вработат 9.300 луѓе
Според пресметките, со реализацијата на инвестициите во државата ќе влезат околу 205 милиони евра или директно ќе се вработат 9.300 лица. Во услови на криза и на намалена побарувачка, новите фабрики ќе значат зголемување на извозот. Со оглед на тоа што фабриките кои се градат во зоните ќе произведуваат производи наменети за странските пазари, бенефитот кој допрва ќе го почувствуваме во трговскиот биланс ќе биде голем.
Отворањето нови работни места ќе придонесе за намалување на стапката на невработеност, која сега изнесува 32%. Само во фабриките коишто ќе се отворат во Бунарџик ќе бидат отворени над 900 нови работни места. Се очекува дел од странските инвеститори коишто лани поставија камен-темелник за помалку од еден месец да започнат со производство.
Според динамиката, трет на листата со извозници од слободната економска зона Бунарџик е американската компанија Кемет електроникс. Странскиот инвеститор, кој лани постави камен-темелник на фабриката во Македонија, пред два месеци започна со пробно производство, а официјалниот старт, според најавите, се очекува до крајот на месецов.
Следна фабрика којашто ќе почне да извезува од Бунарџик е италијанската Текнохозе, која за две недели треба да започне со производство на армирани гумени црева.
Засилени градежни активности има руската фармацевтска компанија Протек, која се очекува од септември да започне со производство на хомеопатски лекови, витамини и минерали. Единствено забавување на градежните активности има индиската Мадерсон груп, која сè уште ги нема поставено ниту темелите.
За два месеци со производство на синтетички влакна во слободната зона треба да започне и НИН Фибер од Црна Гора, кој е прв инвеститор од Балканот. Според плановите, до крајот на летото погонот би требало да биде пуштен во употреба, а вкупната вредност на инвестицијата е околу шест милиони евра.