Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Објавено 29 октомври 2012, 14:20, во Македонија
Share |
Print page

Почна со работа Текнохозе, четвртата фабрика во Бунарџик

Александра Спасевска
Почна со работа Текнохозе, четвртата фабрика во Бунарџик

Италијанската компанија Текнохозе официјално започна со производство во Технолошко-индустриската зона Бунарџик 1 во Скопје. Почетната инвестиција е пет милиони евра со 50 нови вработувања, а во погонот којшто се простира на 3.000 метри квадратни ќе се произведуваат високопритисни гумени армирани црева за градежната и за автомобилската индустрија.

Производството ќе се пласира на пазарите во земјите од Југоисточна Европа и во Русија. Ова е прва инвестиција на Текнохозе на странски пазар, а во март следната година почнува со реализација втората фаза од инвестицијата од 10 милиони евра, со што вкупниот број ќе достигне 200 вработувања.

„И покрај тоа што светската економска криза имаше свое влијание на реализацијата на оваа инвестиција, најавена уште во 2008 година, сепак, резултатите не изостанаа. Пред нас е новата фабрика на италијанскиот инвеститор Текнохозе“, изјави премиерот Никола Груевски на пуштањето во употреба на новата фабрика. Според него, оваа инвестиција е уште една потврда дека владините економски политики ги даваат очекуваните резултати и дека во овој момент во слободната економска зона веќе произведуваат четири фабрики, а уште неколку се градат и се очекува да почнат со работа.

 Генералниот директор на компанијата, Антонио Витило, истакна дека главната причина зошто инвестирале во Македонија во период кога Македонија не била интересна локација за други италијански компании е одличната географска местоположба, конкурентските трошоци и поволниот даночен систем.

„Ова е прва фабрика на Текнохозе надвор од Италија и ги повикувам сите странски инвеститори да дојдат и да инвестираат“, истакна Витило.Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо, изјави дека преговорите за инвестирање на италијанската компанија во Македонија почнале во 2008 година, а првиот значаен чекор е направен во 2009 година, со купувањето на објектот во зоната во кој сега е сместена фабриката.

 Вицепремиерот Владимир Пешевски смета дека тоа што оваа фабрика е прва инвестиција на италијанската компанија надвор од нивната земја покажува оти Македонија има идеална клима за инвестирање.

Компанијата Текнохозе, која во Република Македонија е регистрирана под името Витек Македонија, е членка на италијанската групација Витилло, а во ТИРЗ Скопје 1 купи постоечки објект кој комплетно е реновиран за да одговара на потребите на новото производство, што претставува прва фаза од нивната инвестиција. Наредната година компанијата предвидува да почне со изградба на втор објект во кој ќе се произведуваат хидраулични спојки за армираните црева.


КОМЕНТАРИ

Коментирај

РЕКЛАМИ


КАПИТАЛ НЕДЕЛНИК

Капитал 771-772


РЕКЛАМИ

КАПИТАЛ СПЕЦИЈАЛНИ ИЗДАНИЈА

Капитал 000


Капитал изданија

РЕКЛАМИ